Пред да продолжите понатаму да ве предупредам дека текстот содржи SPOILERS, односно, се кажуваат експлицитни работи во врска со филмот и се обработуваат сцени кои можеби не сакате да ги слушнете пред да го изгледате филмот.
Најбитната работа што треба да ја имате на ум кога го читате текстов е дека филмов го симнав од торент на кино снимка. Решив да го гледам вака, за да не ме обземат специјалните ефекти и убавината на тоа како изгледа филмот, со тоа да можам повеќе да се фокусирам на приказната и на останатите финеси.
Нормално ќе почнам на почетокот.
Првите 13 минути во овој филм се најдобрите први 13 минути на кој било филм до сега што сум го гледал. Не Star Trek филм, туку воопшто. Во тие 13 минути се содржани две сцени. Филмот почнува со битката на USS Kelvin против Narada, бродот на Ромуланците под команда на Nero. Прв офицер на бродот е Џорџ Кирк, таткото на Џејмс Т. Кирк и во таа сцена тој умира но притоа спасувајќи го поголемиот дел на екипажот. Одлично изработено од страна на актерската екипа, на режисерот и на сценаристите. Емоционално многу јака сцена. Мајсторијата е во тоа што ние појма немаме кој се луѓево, немаме доволно време да се приврземе кон нив или пак поистоветиме, но сепак сцената погодува.
Веднаш по уништувањето на USS Kelvin следува сцена со Џејмс Кирк на околу 10 годишна возраст. Вози кола, класичната Корвета кабриолет, a на радиото му свири Sabotage од Beastie Boys. Не кажувам повеќе, а и нема потреба. Јас морам да признаам дека ја враќав сценава 5 пати пред да продолжам понатака со филмот.
Значи пак ќе повторам. Првите 13 минути од филмот беа најдоброто нешто што сум го видел како отварање на еден филм.
Што се однесува на целата приказна. На моменти може и да се почувствува дека пребрзо оди сето тоа, но сепак, луѓето зад филмот имаа задача да не запознаат со ликовите, да објаснат како тие завршиле сите заедно на Enterprise а притоа да ја спасат Федерацијата од огромна закана. Но, затоа ќе го гледате и два пати и три пати, и ќе си легнат работите на место. Во тоа е и убавината.
Една од најтешките работи кои треба да ги проголтаме со филмов е уништувањето на Вулкан и љубовната врска помеѓу Спок и Ухура. За Вулкан нема воопшто да зборувам, но ќе го кажам моето мислење за Спок/Ухура.
Јас искрено бев изненаден од тоа. Го имав прочитано секое интервју што беше излезено пред филмов, го гледав секој трејлер што беше пуштен, знаев се што можеше да се знае за филмов пред да излезе. А и знаев дека ќе има нешто помеѓу овие два лика. Но не очекував да бидат во врска. Јас очекував, а можеби ќе беше подобро да го видовме зачетокот на нивната врска, искри помеѓу нив и некој работи кои би довеле до љубовна врска помеѓу нив во некој следен филм. Но не, тие филмот го стартуваат во врска. Но не велам дека е лошо, не велам ни дека е добро. Ќе треба да видиме како сето тоа ќе се одвива во следните филмови, бидејќи тоа е голема приказна која ќе се провлекува и ќе биде закачена за нивните карактери. Како ќе оди понатаму не знаеме.
Кога сум кај Спок и Ухура, би искоментирал за нив малку и за нивната глума. Кога прв пат слушнав дека Zachary Quinto ќе биде новиот Спок, бев веднаш за тоа. Немав видено ништо од него пред ова, но по изгледот негов и по реакциите на фановите ширум светот кои беа презадоволни од изборот, така и моето мислење се оформи. Но кога почнаа да излегуваат првите трејлери, малку бев загрижен. Искрено кажано ми сметаше неговиот глас, ја нема онаа длабочина која ја има Nimoy, оригиналниот Спок. Но гледајќи го филмот можам да кажам дека добро си ја заврши работата. Сепак не е тешко да глумите човек кој ги крие своите емоции, а притоа да ги покажете на публиката и они да можат да прочитаат како се чувствувате. Но Quinto успешно го направи тоа.
За ликот на Ухура која јаглуми Zoe Saldana многу беше кажано пред да излезе филмов, па и сега многу се збори. Јас само ова ќе го кажам. Новиот лик на Ухура доби многу повеќе од старата Ухура која ја глумеше Nichelle Nichols за сите 80 серии во кои ја имаше се вкупно. Некој може ќе му смета што единствената жена на бродот е сега цура на првиот офицер или дека не си го покажала доволно својот талент, но факт е дека ликот на Ухура тука има огромно значење.
Karl Urban во улогата на докторот McCoy. Не сакам да помислам само што ќе беше со целиот филм ако Karl Urban не глумеше. БРИЛИЈАНТНО. Неверојатно добра глума и доловување на карактерот. Најомиленото нешто од целиот филм ми е токму овој лик. Можам а и морам уште едно БРАВО да кажам за работата која ја заврши Karl Urban. А и приказната за тоа како го добил надимакот Bones е една одлична работа од страна на сценаристите.
За Chriss Pine во улога на новиот Кирк. Не видов доволно од Кирк за да дадам фер оценка. Кирк немаше време да глуми пошто беше зафатен да ја спаси Федерацијата. Хахаха
Тие што го гледале филмот знаат што зборувам.
Anton Yelchin во улогата на Pavel Chekov. Искрено не сум задоволен многу од глумата на Yelchin. Малку е претерано со пренагласеноста на неговиот руски акцент што дури и понекад е неразбирлив. Иако има една интересна сцена со него на почетокот во глобала мислам дека можеше и подобро да биде сето тоа одиграно. Но, млад е дечкото има време да се поправи за новиот филм. Да, да. Ќе има нов филм, веќе се почнати состанчењата и договарањата за сценариото за следниот проект.
John Cho како Sulu. Sulu тука е опасен дечко, кој знае да се тепа, ама стварно знае и кој не е цел филм стациониран на мостот на Ентерпрајс. Интересен развој има ликот на Сулу, а и глумата на Cho беше добра.
Scotty игран од Simon Pegg. Simon Pegg е одличен избор за овој лик. Но како и во случајот со Чеков мислам дека малку го претераа со хуморот кога е во прашање овој лик. Целиот хумор во овој филм е на негови плешки и се надевам дека во иднина ќе го видиме Scotty како гение од инжињер а не кловнот што беше во овој филм. Но сепак ќе повторам. Pegg е одличен актер, наликува на Scotty и е добар избор. Се надевам само дека сценаристите ќе го прикажат вистинскиот Scotty следниот пат.
Bruce Greenwood (Captain Pike) и Ben Cross (Sarek) се едни од пријатните изненадувања во филмов. Не верував дека ќе се снајдат добро во филмов но одлично си ја завршија работата. Особено Ben Cross во улогата на Sarek таткото на Spok. Се надевам дека уште ќе гледаме од него.
Ромуланецот Nero игран од Eric Bana. Единствена работа за која ми е криво во филмов е што не видовме малку повеќе од овој лик. Неколку сцени беа исечени од финалниот производ вклучувајќи сцена во која Неро е заробен во Клингонски затвор. Таа сцена е најавена дека ќе биде во ДВД изданието и се надевам дека ќе ја надополни приказната за овој лик. Eric Bana направи одлична работа со таа минутажа што ја имаше, но сепак мое мислење е дека требаше малку повеќе време да му дадат.
Што се однесува до приказната...Филмов е сместен во алтернативна реалност, бидејќи од моментот кога Nero се враќа 140 години во минатото и го уништува Келвин се создава нова реалност алтернативна, со тоа не создавајќи никакви промени на иднината туку дејствувајќи како две посебни димензии. Ова е земено како инспирација од денешната наука за Квантната Механика во која и се содржи теоријата за многу светови, која вели дека враќајки се во минатото не можеме да влијаеме во иднната, туку создаваме нова реалност паралелна на претходната. И двете си постојат. Но и покрај ова, и покрај тоа што постапките на Неро, нема да имаат никакви последици на неговата иднина, неговиот мотив за тоа што го прави сепак е веродостоен и да кажеме за верување. Што беше една од замките кои сценаристите сами си ја поставија но сепак успеаа да се извадат. Бидејќи реално гледано кој мотив би имал Неро, да ги прави тие работи во минатото знаејќи дека нема да имаат никаков ефект на неговата реалност? Но сепак успешно беше изведено тоа, а во тоа помага појавувањето на оригиналниот Спок и желбата за одмазда према него.
Што се однесува за тоа како се сретна екипажот и како сите завршија таму каде што требаше може да се каже дека добро помина. Малку беше премногу промовирањето на Кирк од кадет во прв офицер, но сепак можам да живеам со тоа.
Сценаристите во глобала гледано завршија одлична работа. Може некој ќе каже дека фали онаа Star Trek порака која сме навикнале да ја гледаме во другите филмови и е премногу акционо ориентиран филмов. Можеби ќе биде и во право. Но да сум јас на нивното место, на местото на сценаристите би го направил токму истото. Филмов моментално е број еден на бокс офисот во Америка. Ги руши сите рекорди на гледаност во споредба со претходните Star Trek филмови. Заработувачката во првиот викенд му е феноменална. Поентата ми беше... И јас прво би гледал да го задоволам Парамаунт, повторно да се крене прашината околу Star Trek во меинстрим круговите како што било тоа пред 20-30 години. Повторно би го направил Star Trek дел од поп-културата и во таква ситуација, кога ќе ги навлечам сите на филмов, како што е сега случајот, би направил продолжеток и тогаш ќе им ја испорачам Star Trek пораката. Се надевам дека ќе успеат во тоа сценаристите за следниот проект.
Инаку некои фанови можеби ќе бидат разочарани со тоа што е создадена алтернатива реалност во овој филм или паралелен универзум, со тоа избегнувајќи и менувајќи го се тоа што беше воспоставено изминативе 40 години. Но да бидеме реални, Star Trek го допре дното последниве 10 години. Цената мораше да биде платена. Рачунот беше испорачан, ама беше поднослив. На крај краева и воспоставениот канон го јадеше од внатре Star Trek универзумот како рак ограничувајќи ги писателите кои беа зад Star Trek сиве овие години. Филмов се случи и драго ми е што помина вака. Со создавањето на алтернативниот универзум авторите пак можат да се вратат на настаните за кои се случиле во претходните епизоди, но овој пат бидејќи друга е реалноста исходот може да биде различен, односно неочекуван за нас. И во тоа е целата убавина на филмов.
За крај, ја можам да живеам без Вулкан, зашто Star Trek продолжува да живее, можам да живеам што Uhura спие со Spock, зашто Star Trek продолжува да живее. И Star Trek продолжува да живее благодарение на филмов. А за тие љутковци што мрчат тоа што нови луѓе дошле да го работат и глумат Star Trek, само едно ќе им порачам... Седете си дома, не го гледајте филмов и цмиздрете додека ние останатите ќе уживаме во новите авантури.
Најбитно е дека филмот е одличен. Многу хумор има во него, разбрав дека ефектите нели го гледав на кино снимка се нешто невидено до сега во Star Trek, привлечна приказна, брза, која ве тера да го гледате филмов во еден здив и во нешто што ќе уживате 2 саата.
Филмов може не е The Dark Night, но е Batman Begins.
|